Патничко осигурување

Што е здравствено патничко осигурување?

 

Што е здравствено патничко осигурување ?

Патничко осигурување е важен дел од вашиот план за патување. Патничко осигурување покрива трошоци кои неочекувано настанале за време на Вашето патување или пред патувањето (во случај на откажување на патувањето). Во зависност од покритието кое самите сте го одбрале може да бидат надоместени трошоци за лекување од незгода и болест, надомест за смрт од последици на незгода, трошоци поради доцнење или кражба на багаж, надомест во случај на губење на патни документи, како и друга здравствена помош, кои би можеле да настанат за време на Вашето патување.



Што е траење, а што важност на патничкото осигурување ?

Полисата за патничко осигурување се склучува за одреден број на осигурени денови во определен временски период (траење на осигурување). За да бидете осигурени патувањето треба да се одвива во периодот наведен во полисата, а бројот на денови на престој во странство не треба да го надминува бројот на осигурени денови. Внимавајте на бројот на осигурени денови кој што е наведен во полисата. Доколку во периодот веќе сте патувале и сте ги искористиле осигурените денови, без разлика што периодот на осигурување се уште трае, Вашата полиса не е повеќе важечка. Во тој случај, обезбедете ново патничко осигурување. Во спротивно нема да поседувате осигурително покритие во случај на штетен настан.

 

*** Патничкото осигурување не може да се купи откога патување е започнато, односно сте ги поминале границите на Репбулкика Македонија.

 

 

Што е тоа “франшиза” ?

Франшизата го означува Вашето учество во настанатата штета. Ова значи доколку штетата е помала од износот на франшиза, настанатите трошоци од штетата ги покривате Вие самите. Доколку е штетата поголема од франшизата вашето учество е во износ на франшизата, а останатиот дел од штетата ќе го покрие друштвото за осигурување.

 

Како да пријавите штета ?

Совети и помош во случај на штета (комуникација со асистентска куќа) Сите друштва за осигурување кои нудат патничко осигурување имаат склучено договори со асистентски куќи во странство кои обезбедуваат 24 часа помош во случај на потреба од итна медицинска помош. Доколку се случи непосакуван настан и имате потреба од помош и совет јавете се на бројот на асистентската куќа наведен во полисата или условите за осигурување. Следете ги советите што Ви ги даваат и не преземајте ништо без претходно одобрение (на пример предвремено враќање дома, репатриација, трансфер од една во друга болница). Запомнете дека доколку сте користеле здравствени услуги без одобрение на асистентската куќа или Вашето друштво за осигурување трошоците ќе Ви бидат делумно надоместени. Штетата треба да ја пријавите во рокот за пријавување наведен во условите за осигурување. Најчесто рокот е 24 часа од моментот на случување на штетата. Чувајте ја оригиналната документација и оригиналните сметки кои подоцна ќе треба да ги предадете во вашето друштво за осигурување. Пред да ја предадете оригиналната документација, направете копија за себе. Кога штетата не надминува одреден износ определен со условите за осигурување (во повеќето случаи одреден е износ од 150 – 300 евра) износот може да го платите сами, а друштво за осигурување Ви го надоместува износот што сте го платиле по Вашето враќање во земјата. Доколку износот е повисок за плаќањето ќе се погрижи Вашето друштво за осигурување во соработка со болницата и со асистентската куќа

 

Што да правите кога не сте задоволни од начинот на решавање на штета ?


Доколку штетата Ви е одбиена или пак не се согласувате со донесената одлука по однос на штетата, имате право да се жалите до: – Соодветната организациона единица надлежна за решавање на спорови меѓу договорни страни во рамки на друштвото за осигурување, – Службата за внатрешна ревизија во друштвото за осигурување, – Агенцијата за супервизија на осигурување, – Организацијата за заштита на потрошувачи. Имате право да поднесете жалба до Агенцијата за супервизија на осигурување исклучиво доколку претходно писмено сте се обратиле до друштвото за осигурување, но притоа не сте задоволни од одговорот, или ако друштвото за осигурување не одлучило по жалбата во рок од 30 дена од денот на доставување на истата.

 

Причини да купите патничко осигурување:

Кога сте во вашата земја на живеење, трошоците за лекување се скоро незабележителни. Но, кога патувате во странство, овие трошоци може да бидат екстремно високи за Вашиот буџет. Доколку сте во странство и Ви се случи незгода, а при тоа со себе немате доволно парични средства, во претходна консултација со Друштвото за осигурување или асистентската куќа, ќе Ви биде овозможен медицински третман само со приложување на полисата. При влез во одредени земји, поседувањето на полиса за здравственото патничко осигурување е задолжително. 

 

 

СЕ ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕТЕ ЗА ТУРИСТИЧКАТА ТАКСА ЗА СМЕСТУВАЊЕ ВО ГРЦИЈА

 

Од 1. јануари 2018 година сите хотели, вили, апартмани, студија и соби за изнајмување во Грција должни се на гостите да им наплаќаат данок за престој-таканаречена туристичка такса. Во Италија висината на туристичката такса се движи од 2-7 евра од ден, во Шпанија од 0,45-2,25 евра, во Црна Гора 1 евро од ден, во Србија од 50-140,00 динари, зависно од категоријата на туристичкото место.

 

Во официјалното соопштение на Министерството за финансии во Грција е наведено следното:

 

За кој тип на туристичко сместување се наплаќа туристичка такса?

Плаќањето на туристичката такса е воведено во хотелите од 1-5 ѕвезди, како и во останатите сместувачки капацитети (апартмани, соби, посебни вили) кои примаат гости на еден или повеќе денови. Во камповите и посебно одредените места за сместување туристичка такса не се наплаќа.


Колку изнесува туристичката такса? Дали се плаќа по сместувачки капацитет или по лице?

Туристичката такса се пресместува како фиксен износ по ден и по сместувачки капацитет- не по лице. Во зависност од типот на сместувањето изнесува:

• 4 €  по соба дневно за хотелите со  5 ѕвезди
• 3 €  по соба дневно за хотелите со  4 ѕвезди
• 1,5 € по соба дневно за хотелите со  3 ѕвезди
• 0,5 €  по соба дневно за хотелите со  1-2 ѕвезди

• 0,5 €  дневно за приватните соби, студија и апартмани

 

 

 Дали пограничните службеници при излезот од Грција ќе вршат проверка дали сте ја платиле туристичката такса?

Дали треба да ја сочувате потврдата од уплатата?

 

Ниедна официјална институција во Грција нема објавено известување дека на граничните премини ќе се врши контрола на плаќањето на туристичката такса. За секој случај потврдата задолжително сочувајте ја до излезот од земјата.

 

 

 

Доколку летувате со уште едно семејство а сместени сте во еден апартман, дали е потребно двете семејства посебно да платат туристичка такса?

 

Не. Таксата се плаќа по сместувачка единица и по ден, независно од бројот на лицата кои престојуваат.

 

 

 

Во договор со сопственикот на сместувачкиот објект или на хотелот сакате да го напуштите објектот покасно во текот на денот (касна одјава). Дали ќе Ви биде дополнително наплатен данок за престој?

 

Не. Во случаите кога престојот е продолжен за неколку часа, тоа не се пресметува како дополнителен престој и не Ве обврзува за плаќање на такса. Но, доколку се случи должината на престојот да подразбира наплата на уште еден дополнителен ден за користење на собата, во тој случај туристичката такса ќе биде наплатена. 

 

Сте резервирале сместување во Грција преку интернет, но сте го откажале во последен момент. Дали имате обврска да ја платите туристичката такса?

 

Не. Независно од политиката за откажување на сместувањето и платформата за издавање смештај во Грција, туристичката такса се наплаќа исклучиво за деновите додека сте престојувале во објектот: од доаѓањето до одјавувањето.


КОЈА СТОКА НЕ СЕ ПРИЈАВУВА И НЕ ПОДЛЕЖИ НА ПЛАЌАЊЕ УВОЗНИ ДАВАЧКИ ?

 

Mакедонските и странските државјани се  ослободени од плаќање на увозни давачки (царина, ДДВ и акциза) за: 

• стока за лична употреба во текот на престојот (личен багаж)

• преработки од тутун: 
        –  200 цигари, или
        –  100 цигарилоси (цигари со максимална тежина од 3 гр.по парче), или 
        –  50 пури, или
        –  250 грама тутун за пушење, или
        –  сразмерна количина на различни преработки на тутун

• алкохол и алкохолни пијалоци:
        –  дестилирани и жестоки алкохолни пијалоци со процент на алкохол над 22%: 1  литар или
        –  дестилирани и алкохолни пијалоци и ап  еритиви со винска или алкохолна  основа со процент на алкохол што не надминува 22%: 2 литри и 
        –   вино: 2 литри и

• парфеми: 50 мл

• тоалетна вода: 250 мл.

*** Ослободувањата за преработки од тутун и алкохол и алкохолни пијалоци не важат за патници помлади од 18 години. 
Домашните патници се ослободени од увозни давачки за увоз на стока од некомерцијална природа со вредност до 350 евра. Во овие 350 евра ослободување не влегуваат алкохолни пијалоци, преработка од тутун, парфеми и тоалетна вода.

 

ВНЕСУВАЊЕ НА ЕФЕКТИВНИ СТРАНСКИ ПАРИ

 – РЕЗИДЕНТИ

 

Резидентите можат во Република Македонија слободно да внесуваат ефективни странски пари и чекови кои гласат на странски пари во противвредност до 10.000 евра.
Резидентите можат во Република Македонија да внесуваат ефективни странски пари и чекови кои гласат на странски пари во противвредност од 10.000 евра и повеќе, само доколку при преминот на државната граница кај надлежните царински органи го пријават износот на ефективни странски пари и чекови што го внесуваат.
Резидентите можат при преминот на државната граница кај надлежните царински органи да пријават и ефективни странски пари и чекови кои гласат на странски пари во износ помал од износот од став (2).

 

– НЕРЕЗИДЕНТИ

Нерезидентите можат во Република Македонија слободно да внесуваат ефективни странски пари и чекови кои гласат на странски пари во противвредност до 10.000 евра.

Нерезидентите можат во Република Македонија да внесуваат ефективни странски пари и чекови кои гласат на странски пари во противвредност од 10.000 евра и повеќе, само доколку при преминот на државната граница кај надлежните царински органи го пријават износот на ефективни странски пари и чекови што го внесуваат.

Нерезидентите можат при преминот на државната граница кај надлежните царински органи да пријават и ефективни странски пари и чекови кои гласат на странски пари во износ помал од износот од став (2).

ИЗНЕСУВАЊЕ НА ЕФЕКТИВНИ СТРАНСКИ ПАРИ


– РЕЗИДЕНТИ

Резидентите можат слободно да изнесуваат од Република Македонија ефективни странски пари и чекови кои гласат на странски пари во противвредност до 2.000 евра.

Резидентите можат од Република Македонија да изнесат ефективни странски пари и чекови кои гласат на странски пари во противвредност од 2.000 до 10.000 евра, само доколку при преминот на државната граница кај надлежните царински органи го пријават износот на ефективни странски пари и чекови кои гласат на странски пари што го изнесуваат.

Ефективните странски пари од став (2) резидентите ги изнесуваат врз основа на потврда од овластена банка или менувачница за купување на странски ефективни пари или врз основа на потврда од банка за подигање на девизи (странски ефективни пари) од сопствена девизна сметка.

Потврдата од став (3) на овој член важи до првото преоѓање на границата, а најдоцна 90 дена од денот на издавањето.

Резидентите не смеат да изнесуваат ефективни странски пари и чекови кои гласат на странски пари во противвредност над 10.000 евра.

 

– НЕРЕЗИДЕНТИ
                                                            

Износот на ефективни странски пари и чекови кои гласат на странски пари што нерезидентите го изнесуваат од Република Македонија не може да биде поголем од износот што при преминот на државната граница го пријавиле кај надлежните царински органи. 


ЖИВИ ЖИВОТНИ, ПРОИЗВОДИ ОД ЖИВОТИНСКО И РАСТИТЕЛНО ПОТЕКЛО

За внесување/изнесување на живи животни, домашни миленичиња и производи од животинско и растително потекло, потребни се законски пропишани дозволи/ одобренија.

 

 

ДОМАШНИ МИЛЕНИЦИ

За секој домашен миленик кој се пренесува преку граничен премин на Република Македонија, сопственикот или одговорното лице, треба да поседува соодветна документација за идентификација, односно 

•       Ветеринарно-здравствен сертификат издаден од официјален ветеринар од земјата на испорака

•       Пасош издаден од официјален ветеринар од земјата на испорака, кој е задолжителен за сите видови кучиња, мачиња и ласици, или

•       Изјава, издадена од сопственикот или одговорното лице, која е задолжителна за сите видови птици, под услов да доаѓаат од земја која е членка на Меѓународната организација за здравствена заштита на животните (ОIE).

 

Царинскиот орган дозволува увоз во Република Македонија на домашни миленици кои не се наменети за трговија, без разлика на бројот на единките, доколку Управата за ветеринарство по претходно извршена проверка и преглед на граничниот премин издаде согласност за увоз, односно ветеринарен влезен документ ВВД.

 

 

ПРОИЗВОДИ ОД ЖИВОТИНСКО ПОТЕКЛО

 

Патниците можат да внесат производи од животинско потекло на територијата на Република Македонија (сирење, кашкавал, сувомеснати производи) во вкупна количина до 1 кг.

Доколку производите од животинско потекло надминуваат количина поголема од 1кг, потребно е патникот да поседува потврда за извршен задолжителен преглед на стоката од страна на Ветринарносанитарен испекторат.

 

 

РАСТЕНИЈА, ЦВЕЌИЊА, ОВОШЈЕ И ЗЕЛЕНЧУК

 

При увоз на растенија, цвеќиња, овошје и зеленчук во царинското подрачје на Република Македонија, задолжително да се поседува одобрение издадено од Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство – Фитосанитарна управа, со кое се потврдува дека производите се здрави и необолени. Покрај потребното одобрение, овие производи задолжително подлежат на преглед од страна на фитосанитарен инспектор.

 

 

ЛЕКОВИ

 

За внесување на лекови во Р.Македонија потребна е посебна дозвола издадена од Биро за лекови на Р. Македонија (Министерство за здравство).

Внесување на лекови без горенаведената дозвола е законски дозволено само доколку лековите се наменети за лична употреба. Доколку лековите се наменети за лична употреба не е потребна горенаведената дозвола. Во тој случај, патникот треба да поседува:

 

• потврда од матична здравствена установа со податоци за идентификација на лекот и пациентот, видот на забо-лување и
• потпис на лекарот што е доказ дека лековите кои патникот ги носи со себе се за негова лична употреба.

За лекови кои во себе содржат опојни дроги или психотропни субстанции, потребно е патникот да поседува потврда издадена од Биро за лекови при Министерство за здравство.

Во случај на непочитување на законските одредби со кои е регулирано внесувањето на лекови, медицински помагала и психотропни супстанци во државата, предвидени се соодветни казни.

 

 

ОРУЖЈЕ И МУНИЦИЈА

Со закон е забрането внесување и пренесување преку територија на Р. Македонија на сите видови оружје и муниција, и тоа:

• oгнено оружје

• колекционерско оружје

• пневматско оружје

• гасно оружје

• експлозивно оружје

• ладно оружје (ножеви, ками, мечеви итн.)

• оружје со тетива

• оружје за светлосно-звучна сигнализација

• електрични парализатори

• муниција

Внесување на оружје и муниција во Р. Македонија е дозволено само во случај доколку поседувате посебно одобрение/дозвола издадена од Министерство за внатрешни работи на Р. Македонија. Ова се однесува на оружје кое се користи за лов.
За оружје не се смета:
• Декоративно оружје
• Имитација на оружје
• Старинско оружје
• Оружје што е трајно онеспособено за употреба
• Реплика на старинско оружје
• Оружје за индустриски цели и
• Харпуни за подводен риболов
Во случај на непочитување на законските одредби предвидени се соодветни прекршочни мерки.

СТОКА КОЈА ПОВРЕДУВА ПРАВА ОД ИНТЕЛЕКТУАЛНА СОПСТВЕНОСТ

 

Со закон е забрането внесување, изнесување, транзит и складирање на фалсификувани производи и пиратски стоки.

Фалсификатите и пиратските стоки се опасни по здравјето и безбедноста на луѓето, а во исто време тие доведуваат до намалување на буџетот и зголемување на сивата
економија. Препознатливи се по ниската вредност, слабиот квалитет, лошиот изглед на пакувањето, технички грешки во текстот на етикетите и ознаките.

За фалсификат се смета и знак, лого, букви, бројки, слики, налепници, брошури, упатство за употреба или гарантен документ, дури и ако се внесувааат или изнесуваат одделно или заедно со стоката. Пиратска стока е онаа стока која е направена или која содржи примероци без согласност на носителот на авторското право или сродното право.

Царинската управа, фалсфикатите и пиратските стоки привремено ги одзема и по потврдување на оригиналноста ги уништува.

Исклучок од ова е стока која е дел од личен багаж на патници, предмети од некомерцијална природа со мала вредност кои повремено се примаат од странство, а кои се ослободени од плаќање на царински давачки. Прекршителите со закон се
санкционираат.

За достигнувањата во борбата против фалсификувањето и пиратеријата, во конкуренција на 174 администрации членки на СЦО, Царинската управа на Република Македонија, во 2009 година ја доби престижната награда на Светската царинска организација Yolanda Benitez WCO Trophy 2009 Combating Counterfeiting and Piracy. 


ЗАГРОЗЕНИ ЖИВОТНИ И РАСТЕНИЈА

 

Внесување и изнесување на загрозени животни и растенија и нивни производи во/од територијата на Република Mакедонија, според CITES, (Конвенција за меѓународна трговија со загрозени видови на дивата флора и фауна) е строго забрането со закон.

 

За промет со загрозени и заштитени диви видови растенија, габи и животни и производи изработени од нив потребно е да се приложи соодветен документ односно дозвола од Mинистерството за животна средина и просторно планирање, дозвола која мора да се добие однапред.


Нелегално увезени животни и растенија најчесто се заразени со опасни болести и паразити.

Заштитени видови животни и производи добиени од нив се:

• Кафеава мечка, сив сокол, пеперуга Hipparchia semele-критично загрозена, волци,
змии, гуштери и тропски животни,
• Корали и школки,
• Егзотични растенија(орхидеи, кактуси) итн,
• Сите видови предмети кои произлегуваат од загрозени растителни и животински
видови, како:
› Музички инструменти
› Артефакти од корали и слонова коска
› Облека, обувки и модни додатоци итн.

Царинските службеници, полициските службеници или инспекторите ќе ги одземаат
нелегалните пратки, а прекршителот, покрај плаќање на парични казни, ќе ги покрие и сите останати трошоци за привремената грижа или складирање на такви пратки.

Бидете внимателен купувач и зачувајте ја природата и видовите!

 

 

ПРЕДМЕТИ ОД ИСТОРИСКА И КУЛТУРНА ВРЕДНОСТ

 

Предмети и добра од културно-историското наследство, кои подлежат на режим на
потребни уверенија за извоз или привремено изнесување од територијата на Република Македонија се:
археолошки предмети (ископани од земја или извадени од вода кои потекнуваат од определен период),
етнолошки предмети (предмети кои сведочат за начинот на живеење, традицијата, обичаите и сл.),
историски предмети (кои потекнуваат од определени историски настани или ги користеле историски личности, како и стари монети -пари),
уметнички предмети (слики, цртежи, скулптури, бакрорези, гравури и други уметнички композиции),
технички предмети (машини, алати, инструменти, опрема и сл. кои потекнуваат од одредена етапа на технички прогрес),
архивска граѓа (одбран, изворен и репродуциран документарен материјал од трајна вредност),
библиотечни добра (стари ракописи настанати до крајот на XIX век, стари и ретки книги и други публикации),
кинотечни добра (снимени кинематографски дела, филмови-цртани, документарни, научно-популарни и др.),
аудиовизуелни (изворни материјали и тонска копија на игран или анимиран филм, сценарија, фотографии, слајдови, постери и сл) и
фонотечни добра (изворен материјал на снимени звуци односно оригинални музички и друг вид на звучни записи).

Културно наследство од особено значење (како заштитените музејски збирки) не смее да се извезе.

Културно наследство што не е под општа забрана за извоз, како и добро што претставува национално богатство, може да се извезува само со дозвола на
Управата за заштита на културно наследство.

 

КУЛТУРНИ ДОБРА КОИ НЕ ПОДЛЕЖАТ ПОД РЕЖИМ НА ЗАШТИТА

 

Добрата кои немаат карактер на културно наследство и кои не подлежат под режим на заштита, односно нивниот извоз или изнесување од државата е слободен, се следните:
• репродукции
• копии на музејски експонати (антиквитети и други музејски предмети), пропратени со соодветен сертификат, со кој се потврдува копијата, потеклото на оригиналниот предмет и институцијата која што го издала.